26.8 C
Skopje
понеделник, 28 јули 2025

Одбојкарите отпатуваа за Софија на двомеч со Бугарија

По комплетирање на првиот микроциклус од подготовките во Маврово за квалификациските натпревари со Грција и Грузија за пласман на Европското првенство 2026, машката сениорска репрезентација утринава отпатува за Софија, каде што ќе одигра пријателски натпревари со селекцијата на Бугарија.

Натпреварите се играат во салата „Левски“ во Софија. Првиот натпревар е закажан за 29 јули во 17 часот, додека втората контрола на 30 јули се игра напладне, а по неа македонската репрезентација се враќа дома.

Двомечот со Бугарите треба да покаже во каква форма е тимот на селекторот Јошко Миленкоски во пресрет на евроквалификациите и кои се елементите на коишто треба да се посвети внимание во втората фаза од подготовките.

„Пријателските натпревари со Бугарија ќе дојдат како одлична контрола на она што го работевме во изминативе десет дена во првиот микроциклус во Маврово. Задоволен сум од тоа како течеше првиот дел од подготовките, момците работеа со висок интензитет, а сега полека влегуваме во фазата на техничко-тактичка подготовка. Бугарија треба да ни покаже што е добро во нашата игра, а што ќе треба да коригираме во пресрет на дуелот со Грција. Имаме доволно време, со оглед на тоа дека и следната недела во Скопје нè очекува меморијалот ‘Чајка’, кој ќе биде финална проверка на силата“, вели селекторот Јошко Миленкоски пред заминувањето за Софија.

Делегацијата од Маврово се сели во Софија, додека од 31 јули ќе биде стационирана во Скопје, каде што прво од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ заедно со Бугарија и Швајцарија ќе настапи на 49-тото издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“. Првиот натпревар од евроквалификациите Македонија го игра на 13 август во Атина, додека на 17 август во Скопје ја пречекуваме Грузија за крај на циклусот.

- Оглас -

Најнови вести