Одбојкарската репрезентација на Македонија попладнево го продолжува настапот во Европската златна лига со првиот меч од турнирот во белгиски Беверен. Противник на нашите одбојкари е селекцијата на Азербејџан, против која низ историјата имаме одиграно три натпревари. Сите три завршувале во наша корист со идентични 3-0 во сетови. Првпат игравме во 2014-тата, во Струмица, во меч од претквалификациите за Европското првенство во 2015-тата. Следуваа два натпревари во европската лига во 2017-тата, првиот на турнирот во Скопје, а вториот во Тирана и повторно епилогот беше ист, 3-0 за Македонија.
Македонија настапот во Европската златна лига го започна со два домашни порази од Естонија (1-3) и Чешка (0-3), па дуелот против Азербејџан ќе биде убава можност за победа, но и тест на квалитетот пред квалификациите за Европското првенство во август, кога за противници ќе ги имаме Грузија и Грција.
„За мене Азербејџан ќе биде вистинската прверка пред квалификацискиот натпревар со Грузија. Тоа се две изедначени репрезентации, ние ги победувавме во минатото, но тоа не мора ништо да значи и затоа треба добро да се подготвиме. За утре е најважно да не правиме грешки. Мислам дека тоа ќе биде доволно за да го совладаме Азербејџан.“ – вели капитенот Никола Ѓорѓиев.
Слеекторот, Хари Наковски, смета дека треба да се подобри применот за да проработи и нападот, а токму Азербејџан е одлична можност за такво нешто.
„Треба да го подобриме приемот. Работевме на тоа по натпреварите со Естонија и со Чешка, така што мислам дека ќе овозможиме полесен наш напад и игра којашто ќе ни овозможи да се радуваме против Азербејџан.“ – вели селекторот Хари Наковски.
Дуелот во Беверен се игра во 17:30 часот, а Македонија е апсолутен фаворит на овој меч.