Македонската машка одбојкарска репрезентација без ниту една победа го заврши настапот на Европското првенство, но тоа треба да биде само мотив плус за повеќе работа и фокус кон следниот голем предизвик, континенталниот шампионат во 2023 година, на кој една од групите во првата фаза ќе се игра во Скопје.
„Претстојат длабоки анлизите, сега само можеме да зборуваме за првични импресии. Јасно е дека треба да почнеме да работиме на создавање услови за да можеме да бидеме натпреварувачки порамноправни на наредното Европско првенство, на коешто ќе ја имаме улогата на коорганизатор“, вели претседателот на ОФМ, Петар Јовановски.
Фактот што македонските одбојкари по третпат, и тоа по ред, ќе играат на ЕП не е само чест, туку и обврска. Тоа значи поразите да бидат корисни и од нив да се учи, а и да се подобрат сите околности од проектот „Тампере“. Македонија нема врвна одбојка и финансии да ги реализира сите цели, но има срце, волја и знаење да создаде и да спроведе стратегија.
Потребна е поддршка за младите играчи коишто добија шанса и на турнирот во Финска. Филип Савовски беше нашиот најдобар сервер, Лука Костиќ освои поен на европските шампионати и тоа за него треба да биде поттик за да го искористи докажаниот бугарски одбојкарски метод на работа, а со тоа да биде еден од нашите најголеми адути во иднина. Веројатно во ротацијата за 2023 ќе загубиме некои од повозрасните, а тие што ќе играат, имаат обврска да им пркосат на годините.