Женската сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра последниот домашен натпревар ова лето, во рамките на квалификациите за Европското првенство 2026. Во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, нашите одбојкарки ќе ја пречекаат селекцијата на Грција.
Иако не постои резултатски императив, девојките влегуваат мотивирани да одиграат на високо ниво, да ја зајакнат тимската хемија и да покажат дека имаат капацитет за многу повеќе од досега прикажаното. Подготвени се да дадат максимум.
„Психички и физички сме подготвени за натпреварот со Грција. Вложивме многу труд во изминатите две недели и атмосферата во екипата е одлична. Ништо не губиме, но со тимска и борбена игра можеме многу да добиеме. Свесни сме за квалитетите на противникот, но нема откажување. Со верба и добра игра сакаме да покажеме дека минатиот циклус не беше случајност“, изјави Теа Терзиевска.
Натпреварот започнува во 20:00 часот, влезот во салата е бесплатен, а ќе има и директен ТВ пренос на МТВ.