Подготовките за учеството на Европската лига 2026 за машката и женската сениорска репрезентација на Македонија ќе стартуваат на 13 мај во Скопје. Селекторот на мажите, Јошко Миленкоски, како и новиот предводник на дамите, Милош Гавриловиќ, ги дефинираа планот и програмата за работа на националните тимови за првите активности во летниот период.
Миленкоски репрезентацијата ќе ја собере во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, каде што екипата ќе се подготвува две недели. Финалната проверка на формата Македонија ќе ја има со пријателски натпревари со Црна Гора, во периодот од 27 до 29 мај во Будва.
Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026, која од оваа година ја презема и улогата на квалификациски циклус за ЕП 2028, го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде што на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург.
Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина, кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде што на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.
Женскиот национален тим паралелно ќе се подготвува во Скопје, во СЦ „Форца“. Дамите на 29 и 30 мај треба да одиграат два контролни натпревара, за кои Федерацијата е во преговори со потенцијалните спаринг-партнери.
Девојките првиот турнир од Европската лига 2026 го играат во Порто, каде што на 6 јуни за противник ја имаат Унгарија, додека на 7 јуни играат со Португалија. Потоа патуваат за Шпанија, во Аликанте, каде што домаќинот ги пречекува на 12 јуни, а ден подоцна се соочуваат со Азербејџан. Македонија настапот во годинешното издание го завршува на домашен терен, кога во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на 19 јуни ќе ги измери силите со Хрватска, додека на 21 јуни против Словенија ќе го комплетира учеството.

