Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација на својата утрешна седница ќе има неколку „жешки“ теми за разговор, како лиценцирање на спортски сали за одигрување натпревари и разгледување на предлогот Шкупи да остане прволигаш.
Пред стартот на новата сезона закажан за шести октомври, УО на МКФ мора да се изјасни дали го прифаќа Шкупи како 11-ти прволигаш, што е предлог на Здружението на прволигаши, како и да ги потврди измените во системот за натпреварување и календарот за претстојната сезона во сите лиги. За машката прва лига се планираше да има 10 тима, а со задоцнетото уфрлање на Шкупи, кој учествуваше во ждрепката, ќе мора да има корекции во календарот и системот.
Определбата на Федерацијата да не дозволи играње во сали кои не ги исполнуваат нормите, мора да биде потврдена од УО. За техничката комисија спорни се скопските сали „Градски парк“ и „КК Вардар“ (мала сала во СРЦ Кале), па можно е Работнички и Вардар да бидат принудени на преселба.
По повеќе од две години држење на затворени седници, МКФ за утре ги покани и претставниците на медиумите, со тоа почитувајќи го Статутот, според кој состаноците на УО се отворени.