Лука Дончиќ овојпат немаше трипл-дабл, но повторно беше најзаслужен во победата на Далас против Орландо од 107:106, во најнеизвесниот меч во НБА-лигата одигран утрово. Словенечкиот репрезентативец имаше 27 поени, а додаде и по 7 скока и исто толку асистенции за петта победа во седмиот меч сезонава за Маверикс.
Малку фалеше Дончиќ да биде трагичар бидејќи на 15-тина секунди до крајот имаше лошо додавање и дозволи Орландо да има уште една можност за победа, но, за негова среќа, шутот на Никола Вучевиќ за три поени беше непрецизен.
„Не одиграв како што треба во нападот, но, за среќа, ме спаси нашата одбрана“, рече Дончиќ, свесен дека неговите грешки во клучните моменти можеа да значат и пораз на Далас.
Јанис Адетокумбо беше незадржлив, а Милвоки успеа да победи на тешкото гостување кај Лос Анџелес клиперс со 129:124. Грик-фрик заврши со 38 поени, 16 скока, а му недостасуваше само една асистенција за да има трипл-дабл. Освен доминацијата на Јанис, Милвоки имаше и одлично расположени играчи за шут од далечина. Гостите погодија 18 тројки, од кои шест беа на Џорџ Хил, кој на крајот заврши со 24 поени.
Кај Клиперс го немаше најдобриот играч Кавај Ленард, кој ќе игра на следниот меч против Портланд.
Резултати: Детроит – Њујорк 122:102, Индијана – Вашингтон 121:106, Атланта – Чикаго 93:113, Хјустон – Голден стејт 129:112, Торонто – Сакраменто 124:120, Мемфис – Минесота 137:121, Далас – Орландо 107:106, Јута – Филаделфија 106:104, ЛА клиперс – Милвоки 124:129.