Барселона доживеа шокантен пораз на свој терен од Бетис примајќи дури четири гола. Ова е првпат во последните 15 години актуелниот првак на Шпанија на „Камп ноу“ дури четири пати да ја вади топката од својата мрежа.
Каталонскиот гигант веќе со месеци има проблеми со одбраната. Во Примера дивисион, Барселона цели 10 натпревари не успеа да ја сочува мрежата незатресена. Само за 12 средби, шампионот досега прими 18 погодоци, а толкав број голови во минатата сезона прими дури по 33 одиграни натпревари.
На вчерашниот меч против Бетис се случи кулминацијата на лошата одбрана на тимот на Ернесто Валверде. За првпат по 2003 година, Барселона пред своите навивачи прими четири гола, а заврши и серијата од 42 првенствени дуели без пораз на „Камп ноу“.
И покрај ваквата очајна игра во дефанзивата, Барселона е лидер во Примера со 24 бодови, пред триото Севилја, Атлетико Мадрид и Алавес, кои имаат по 23 бодови.