Одговорот не е тежок, иако одамна не игра: Кого би повикал Ангеловски од Романците во македонскиот состав?

Игор Ангеловски стаса и да се пошегува на официјалната прес-конференција пред утрешниот меч меѓу Романија и Македонија со одговорот на интересно прашање од романските новинари.

Кого би повикале од романската селекција во составот на Македонија?, беше прашањето за нашиот селектор, а одговорот беше брз, познат и ги насмеа присутните.

„Георге Хаџи“, одговори Ангеловски, посочувајќи ја најголемата романска фудбалска легенда, но потоа сериозно со многу комплименти говореше за квалитетот на актуелниот состав на Романците.

„Ја респектираме романската селекција. Секогаш сте имале добри фудбалери, а доказ е и учеството на младинците на Европското првенство што е во тек. Имате и сега квалитетни играчи од калибарот на Ман, Михаила, Хаџи, Станчу…Силен состав што има големи амбиции. Ние ќе играме тука во Букурешт и утре, но и два меча на Европското првенство, па сџе надевам дека Романците ќе навиваат за нас“, рече Ангеловски.

Утре и Романија и Македонија со меѓусебен меч ќе ги почнат квалификациите за настап на Мундијалот во Катар идната година. Дуелот ќе се игра од 20.45 часот на националната арена во Букурешт.

На истото место ќе се вратиме во јуни, кога ќе играме два меча на ЕП на истиот стадион. Против Австрија ќе дебитираме на големите натпреварувања, а тој натпревар ќе се игра на 13. јуни.

Четири дена подоцна ривал ќе ни биде Украина, повторно во Букурешт, а фазата по групи ќе ја завршиме со гостување во Амстердам на 21. јуни против Холандија.

 

- Оглас -

Најнови вести