Со дуелот помеѓу Шахтар Доњецк и Металист 1925, одигран во Киев, попладнево почна новата сезона во украинскиот фудбалски шампионат. Средбата заврши 0-0, но најважно е што воопшто се играат официјални мечеви во Украина, која е зафатена од војна.
Денеска во Украина е празник, Денот на знамето, па затоа и овој датум беше одбран за старт на сезоната во фудбалското првенство.
На трибините нема публика, пред мечот се интонира украинската химна, натпревари се играат само во одредени градови, а ако има опасност од бомбардирање, екипите и судиите ќе треба да се повлечат во скривница. Покрај секој стадион, на оддалеченост од најмногу 500 метри, има по една скривница.
Шахтар, кој има и двајца странци во составот (Бразилец и Хрват), своите мечеви од Лигата на шампионите како домаќин ќе ги игра во Полска.