Одлична вест: Пандев дефинитивно пресече, ќе игра уште една година!

Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев дефинитивно ќе игра и во следната сезона. Тој ова го објави за италијанскиот „Скај“ по серијата интервјуа во кои имаше задршка и не беше 100 отсто сигурен за својата иднина. Кај Гоче пресуди желбата да игра на Европско првенство со репрезентацијата на Македонија.

„Пред почетокот на сезонава размислував за повлекување од активното играње фудбал. Но, сите гледаме што се случува со Коронавирусот. Сега сакам да играм уште една година. Желба ми е со Џенова да избориме опстанок во Серија А, а сон ми е заиграм на Европско првенство“, рече Пандев.

Македонската репрезентација наесен, веројатно во октомври, ќе игра полуфинале од Лигата на нациите, Лига Д, во Скопје против Косово, а со евентуална победа, во ноември би играле на гости во финалето со Грузија или Белорусија. Победникот од тоа финале ќе се пласира на ЕП 2021.

Струмичанецот веќе има планови и што ќе прави по завршувањето на играчката кариера. Ја отфрла можноста да работи како тренер.

„Сум размислувал за тоа и знам дека не сакам да бидам тренер. Можеби менаџер или агент“, вели Пандев, кој потврди дека во јануари имал понуда за враќање во Интер, а по завршувањето на играчката кариера, би му понудиле некое директорско место во клубот.

„Интер беше клубот кој ме донесе во Италија и ми го смени животот, но јас бев јасен од почетокот. Си помислив дека се шегуваат со мене. Им реков дека треба да најдат некој помлад играч“, открива Пандев, кој во јули ќе наполни 37 години.

- Оглас -

Најнови вести