Одлична вест пристигна денеска од Европската одбојкарска федерација дека Македонија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2023 година.
Одлуката на ЦЕВ лично на премиерот Зоран Заев му ја соопшти претседателот на Одбојкарската заедница во Европа, Александар Боричиќ.
„Сега, кога Владата ја поддржува организацијата на големите европски настани според највисоки стандарди, а тоа се однесува на Европската сребрена лига 2021, на Европското првенство за одбојкарки до 19 години во 2022, како и на една група од сениорското машко Европско првенство во 2023, можам да кажам дека Одбојкарската федерација на Северна Македонија им се доближи на најдобрите организатори на големите одбојкарски настани во Европа“, изјави Боричиќ.
Македонската одбојкарска репрезентација фати одличен ритам и по дебито на ЕП во Словенија пред две години, ќе биде учесник на самитот на најдобрите селекции на Стариот Континент и во септември годинава и, секако, за две години кога ќе бидеме домаќини на ЕП.
„Се радувам за големата чест од ЦЕВ. Ја изразувам силната поддршка за одбојкарскиот спорт, којшто во последните неколку години бележи одлични резултати на меѓународен план. За мене задоволството е уште поголемо затоа што голем дел од одбојкарските репрезентативци се од мојот град Струмица“, изјави премиерот Зоран Заев.