Одлични вести за Ханси Флик: Гави се враќа на терен по пауза од 200 дена

По долгата пауза поради повреда, Гави ќе патува со Барселона за првиот натпревар против Њукасл во осминафиналето од Лигата на шампионите.

Играчот од средниот ред е вклучен во составот, но неговиот настап ќе зависи од медицинското одобрение кое треба да пристигне пред натпреварот.

Гави последен пат настапи на 23 август 2025 година во дуелот против Леванте од второто коло во Ла Лига. Подоцна, на тренинг, заработи тешка повреда на менискусот на десното колено и беше опериран, по што не настапуваше. Тоа се случи пред точно 197 дена, што значи дека доколку се појави на теренот на „Сент Џејмс Парк“, ќе се врати речиси точно 200 дена по повредата.

Во меѓувреме, се дозна дека Гави деновиве доживеал и лична трагедија, откако починала неговата баба. Неговите соиграчи му дадоа поддршка, па на последниот натпревар против Атлетик Билбао во саботата настапија со црни ленти на ракавите.

Надвор од списокот на тренерот Ханси Флик за гостувањето во Англија се Алехандро Балде, Жил Кунде, Андреас Кристенсен и Френки де Јонг, кои се повредени.

- Оглас -

Најнови вести