Одлични вести за Македонија – Адеми тренира во полн погон, ќе игра против Италија во Палермо

Аријан Адеми се врати на теренот по незгодната повреда на бутниот мускул, веќе тренираше со соиграчите од Динамо Загреб и речиси сигурно ќе игра и за Македонија на 24 март против Италија во Палермо.

Адеми настрада во судир со соиграчот Јосип Мишиќ на дуелот против Локомотива Загреб и потоа не играше на следните четири натпревари, со Севилја во реванш-дуелот во Лигата на Европа, против Осиек, со Шибеник и на големото дерби против Хајдук.

Се најавува дека големиот борец и капитен на Динамо Загреб ќе биде во комбинација за настап во Копривница против Славен, на меч што ќе се игра на 20 март, а потоа би требало да допатува за Скопје.

Македонските репрезентативци ќе имаат собир на 21 март во главниот град, а следниот ден ќе патуваат за Палермо, каде што на 24 март ќе го играме првиот бараж-меч за настап на Мундијалот во Катар против Италија.

Победа на „Ренцо Барбера“ нè носи во финалниот круг на квалификациите и на пат за Португалија или Турција, каде што со победникот од тој меч ќе играме за настап на Светското првенство што ќе се игра во ноември и декември оваа година.

 

- Оглас -

Најнови вести