Квалификациите за Ф1 трката која денеска треба да се вози во Бразил, беа одложени. Во саботата вечер требаше да биде расплетот околу тоа како ќе стартуваат возачите на денешната трка, но временските услови не дозволија болидите да се појават на патеката Интерлагос.
Обилни врнежи од дожд ја поплавија патеката, видливоста беше мала, па едноставно немаше безбедни услови да се возат квалификациите.
„Нема услови за возење. Сигурноста на возачите на членовите на тимовите, судиите и гледачите се нашиот приоритет. Одлуката за точно одржување на квалификациите ќе биде дополнително донесена“, гласеше рапортот на извршниот директор на Ф1 Стефано Доминикали.
Според договорот, квалификациите треба да бидат денеска од 11:30 часот, но и тоа е неизвесно дали ќе се одржат, затоа што временските прогнози се дека повторно ќе има силен дожд.
Ова е прв пат по пауза од пет години, квалификации на Ф1 трка да бидат одложени. Тоа последен пат се случи во 2019 година во Јапонија, кога на патеката „Сузука“ се појави тајфун.
Доколку ФИА реши дека нема услови да се одржат квалификациите и во 11:30 часот денеска, тогаш за стартниот поредок пред трката ќе се земат во предвид времињата остварени од првиот и единствен слободен тренинг што се возеше.
Во тој случај најмногу ќе настрада актуелниот светски првак Макс Ферстапен. Тој имаше дури 15-то најдобро време на слободниот тренинг, а ако се знае дека доби и казна од пет места на стартниот поредок, Холанѓанецот ќе ја започне трката од „опашката“.
За разлика од Ферстапен, неговиот голем конкурент во трката за титулата, Ландо Норис имаше најдобро време на тренингот, што значи дека би стартувал како прв. Норис победи и на спринтерската трка, па сега, во генералниот пласман има само 44 бодови помалку од лидерот Ферстапен, а до крајот има да се возат уште четири трки.