Освен со своите блескави игри, Новак Ѓоковиќ се најде во центарот на вниманието и со пораката која ја испрати по победата во првото коло на Ролан Гарос. Српскиот тенисер напиша „Косово е срцето на Србија. Стоп за насилството!“ и ги разбранува страстите.
По оваа порака, популарниот Ноле објасни зошто го направил тоа и дека без двоумење повторно би испратил таква порака.
Со реакција се јавија и од Тениската федерација на Косово, од каде што побараа Ѓоковиќ да биде казнет поради пораката која ја сподели.
„Ѓоковиќ повторно провоцира со националистичка поддршка! Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ продолжува со своето националистичко и шовинистичко однесување и со провокации против државата Косово. Тениската федерација на Косово силно застанува во одбраната на вредностите и достоинството на земјата и неговиот народ, но истовремено и во одбрана на вредностите кои тенисот како спорт ги пренесува, а тоа е единство меѓу луѓето, надеж, радост и страст. Тениската федерација ќе бара Ѓоковиќ да биде казнет од страна на Меѓународната тениска федерација (АТП) и ‘Ролан Гарос’ како организатор на турнирот“, стои во дел од соопштението на Тениската федерација на Косово.
За брзо време со реакција се јавија и организаторите, кои најавија дека Ѓоковиќ нема да биде казнет поради својот став околу Косово.
„Не постои официјално гренслем-правило за тоа што играчите смеат или не смеат да го кажат. Француската тениска федерација нема да преземе никакви санкции“, стои во соопштението пренесено од Ројтерс.