Ливерпул вечерва ќе игра поправен меч од 16-финалето во ФА купот против третолигашот Шрусбери. Англискиот гигант на првата средба на гости одигра само 2:2, иако фаворитот имаше предност од 2:0. Тогаш Ливерпул настапи во комбиниран состав, а вечерва ситуацијата е уште покомплицирана за Ливерпул.
Тренерот Јирген Клоп уште од поодамна имаше најавено дека во овој период сите фудбалери од првиот тим на Ливерпул ќе бидат на одмор, па фактот дека мора да се игра уште еден дуел со Шрусбери го натера Ливерпул да игра со младинскиот состав.
На „Енфилд роуд“ боите на домашниот тим ќе ги бранат играчи кои најголемиот дел од нив имаат меѓу 16 и 20 години и тие се надежта на клубот. Дури ни Клоп нема да биде на клупата, туку таа задача е оставена на тренерот на малдинците Нил Кричли.
Ако за Ливерпул овој меч делува небитен, Шрусбери вечерва може да испише историја ако успее да го елимнира гигантот на „Енфилд роуд“. Сепак, од таборот на гостите изразија едно негодување. Најавено е дека се продадени сите 50.000 билети за дуелот, но фактот дека Ливерпул ќе игра со „деца“, беше знак дека цената на билетите мора да се намали.
Челниците на Ливерпул решија билет за возрасен за вечерашниот дуел да чини 15 фунти, додека за деца требаше да се плати само една фунта. Според правилата на ФА купот, клубовите се должни дел од приходите од влезниците да ги дадат на гостинскиот тим. Според тоа, Шрусбери од билетите вечерва ќе заработи 100.000 фунти. Иако тоа е добра сума, гостите се незадоволни затоа што ако Ливерпул ги продаваше билетите по редовна цена, а стадионот беше полн, на Шрусбери ќе му припаднеа 600.000 фунти. Тоа значи дека третолигашот остана покус за 500.000 фунти.
Поради тоа што Ливерпул ќе игра со втор тим, нема да има ни ТВ-пренос, па гостите нема да добијат пари ниту од телевизиските права.
„На клуб како нашиот му е важна секоја фунта. Ова е голем удар за нас. Можевме да заработиме плус 500.000 фунти, пари со кои долго време ќе можевме да функционираме. Ќе можевме да направиме едно или две игралишта или да купевме еден квалитетен играч“, вели тренерот на Шрусбери, Сем Рикетс.