По потписите на Хаким Зијех од Ајакс и Тимо Вернер од Лајпциг, Челзи тргна во офанзива по Кај Хаверц, младата ѕвезда на Баер Леверкузен. Веќе извесно време Сините се споменуваат меѓу заинтересираните гиганти кои се обидуваат да ги добијат услугите на одличниот германски офанзивец, кој оваа сезона блеска, особено по рестартирањето на сезоната во Бундеслигата.
Леверкузен го проценува Хаверц на 80 милиони фунти, сума која и покрај економската криза во фудбалот поради корона-вирусот, неколку гиганти, како Реал Мадрид, Баерн Минхен, Јувентус и Манчестер јунајтед, се подготвени да ја платат, а меѓу нив секако и Челзи.
Одредени германски медуми пренесоа дека сопственикот на Челзи, Роман Абрамович, лично воспоставил контакт со Хаверц за да го убеди да се пресели на „Стемфорд бриџ“. Клубот од Лондон дефинитивно не се шегува и засега успешно го реализира проектот на подновување на екипата за Лампард веќе во следната сезона да има достоен тим да конкурира за титула.
Веќе се потрошени 40 милиони фунти за Зијех и 50 милиони фунти за Вернер, а се очекуваат нови аквизиции и по отворањето на летниот трансфер-прозорец.