Една од ретките светли точки во тимот на Реал Мадрид во минатата сезона, Маркос Љоренте, не влегуваше во плановите на Зинедин Зидан, па потпиша петгодишен договор со Атлетико Мадрид. Договорот е официјализиран, а ќе стапи на сила откако Љоренте ќе ги мине лекарските тестови.
Љоренте е дете на Реал, сите во неговото семејство се фанови на Кралскиот клуб, а сега тој ќе го носи дресот на градскиот ривал. Во редовите на Јорганџиите тој ќе ја има улогата на Родриго, кој си замина во Манчестер сити.
Во Реал, 24-годишниот Љоренте му беше резерва на Каземиро, но кога Бразилецот беше повреден и додека на клупата седеше Сантијаго Солари, тој му даваше предност на Шпанецот и тој ја оправда довербата, а беше и најдобар поединец во финалето на Светското клупско првенство, кога даде убав гол. Сепак, враќањето на Зидан значеше дека Љоренте ако сака да игра, мора да си оди.
Ова е првата од веројатно десетината продажби кои летово ќе ги има Реал. Љоренте е првиот играч по Хурадо од 2006 година кој од Реал директно направил трансфер во Атлетико.