Она што долго време се најавуваше, денеска доби и официјална потврда, четири земји од Јужна Америка испратија заедничка кандидатура за организација на Светското првенство во фудбал во 2030 година.
Аргентина, Парагвај, Чиле и Уругвај се надеваат дека ќе бидат домаќини на Мундијалот кој ќе се одржи на 100-годишнината од првото СП, одржано во Уругвај. За 2030, предлогот е првиот меч да се игра во Буенос Аирес во Аргентина, а финалето исто како и пред еден век, во Монтевидео, Уругвај.
Токму тој историски момент ја прави оваа кандидатура фаворит.
Главен проблем може да биде тоа што и во 2026 година, Мундијалот ќе се игра на американскиот континент (Канада, САД и Мексико), па Европа долго време би останала без Светско првенство (последен пат во 2018 во Русија).
Од Европа, за 2030 се очекува да се пријават Шпанија и Португалија со заедничка кандидатура, а тука е и заедничката кандидатура на Саудиска Арабија со Грција и Египет, што би било прво СП на три различни континенти.