Фудбалскиот клуб Реал Мадрид официјално објави дека 43-годишниот Чаби Алонсо ќе биде тренер на првиот тим во следните три сезони, и договорот му е со важност од 1-ви јуни 2025 година до 30-ти јуни 2028 година.
Алонсо како играч, ги бранеше боите на Реал на 236 официјални натпревари, во периодот помеѓу 2009 и 2014 година. Во тој период, тој освои шест трофеи од кои еден во Лигата на шампионите.
Како репрезентативец на Шпанија, тој освои едно Светско и две европски првенства.
Чаби Алонсо ја започна својата тренерска кариера во младинската академија на Реал Мадрид, водејќи го тимот до 14 години А во сезоната 2018-2019, каде што ја освои шпанската лига и Турнирот на шампионите.
Сега се враќа во Реал Мадрид како докажан тренер, откако испиша историја со Баер Леверкузен со кој ги освои Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија.
Утре во 12.30 часот, Чаби Алонсо ќе биде претставен пред медиумите како нов тренер на Реал Мадрид, а претходно ќе се одржи церемонијата на потпишување на договорот.