Репрезентацијата на Хрватска и дефинитивно е елиминирана од Европското првенство. Она што по ремито со Италија беше извесно, сега стана и официјално. За да се пласира во осминафиналето како третопласирана во групата, Хрватска зависеше од четири резултати, вклучувајќи победа на Англија над Словенија со најмалку три гола разлика и победа на Данска над Србија. Двата натпревари завршија 0-0, и сите теории паднаа во вода.
Тимот на Златко Далиќ ќе го заврши Европското првенство како една од двете најслаборангирани третопласирани екипи, и поради тоа нема да избори пласман во осминафиналето. Во тешката група со Шпанија, Албанија и Италија, Хрватите освоија два бода.
Настапот на европскиот шампионат Хрватска го започна со убедлив пораз 3-0 од Шпанија, а продолжи со шокантно реми 2-2 со Албанија. Во тој натпревар примија гол во последната минута, а истото се повтори и против Италија, која во 98. минута израмни на 1-1, со што ја елиминираше Хрватска од првенството.
Ова е првпат откако Европското првенство се игра во актуелниот формат со 24 репрезентации (од 2016 година) Хрватска да не ја помине групната фаза.