Дејан Станковиќ и официјално е старо-нов тренер на Црвена ѕвезда. Легендарниот српски фудбалер доаѓа на местото на Владан Милојевиќ, а за него ова ќе биде враќање на белградска „Маракана“ по пауза од три години.
Станковиќ последниот тренерски ангажман го имаше во Русија, каде што беше предводник на Спартак Москва, а претходно беше тренер и на Ференцварош и Сампдорија. Тренерската кариера ја започна во Црвена ѕвезда во 2019 година.
Новиот тренер на Црвено-белите ќе има голем предизвик пред себе бидејќи екипата има заостанување од два бода зад вечниот ривал Партизан, нешто што беше вистинска реткост последните сезони, но и да стигне што е можно подалеку во Лигата на Европа.
Станковиќ како фудбалер освен за Црвена ѕвезда, настапуваше и за Лацио и Интер.

