Драган Стојковиќ – Пикси и официјално повеќе нема да биде селектор на репрезентацијата на Србија, откако Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на нашиот север сосед ја прифати неговата оставка.
Србија загуби на домашен терен од Албанија со 0-1 и си ги намали шансите за пласман во баражот за Светското првенство 2026, а тоа резултираше со понудена оставка од Стојковиќ, кој денес и официјално е прифатена.
Пикси Стојковиќ не отпатува со репрезентацијата на гостувањето кај Андора, а Србите таму од клупата беа предводени од селекторот на младинската репрезентација, Зоран Мирковиќ.
Од ФСС истакнуваат дека наследникот на Стојковиќ ќе биде познат во најкраток можен рок, а според српските медиуми најсериозен кандидат е тренерот на Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ.
Што се однесува до шпекулациите за обесштетувањето од еден милион евра кое наводно требал да го добие Драган Стојковиќ – Пикси во случај на предвремен раскин, од Фудбалскиот сојуз на Србија истакнаа дека на поранешниот селектор ќе му бидат исплатени само платите до денот кога ја поднел оставката.