Официјално: Еспањол по вторпат сезонава го смени тренерот

Пабло Мачин веќе не е тренер на Еспањол. Раководството на клубот од Барселона и официјално ја објави веста. Причината за разделбата се слабите резултати, а капак беше вчерашниот пораз од 0-2 против Леганес, по кој Еспањол падна на последно место. До моментов, тимот има само 10 бода.

Клубот цврсто стоеше зад Мачин, но поразот од Леганес ја прели чашата. Единствена утеха им е пласманот во 16-финалето на Лигата на Европа, во кое ќе си ги мерат силите со англиски Вулверхемптон.

Пабло Мачин е вториот сменет тренер на Еспањол сезонава. Пред него, Давид Галјего беше разрешен по слабиот старт на сезоната, но кошмарот продолжи и со Мачин.

Еспањол среќата ќе си ја бара со третиот тренер, а во шпанските медиуми се шпекулира дека фаворити за преземање на тимот се Франциско (екстренер на Уеска и Алмерија) или Хуан Антонио Пици.

 

- Оглас -

Најнови вести