Илкај Гундоган официјално потпиша едногодишен договор со Манчестер сити, клубот со којшто како капитен во сезоната 2022/2023 освои тројна круна, пред да се пресели во Барселона.
Сепак, престојот на Германецот во Барса траеше кратко, само една сезона, и тој беше принуден да си замине. Има две причини за разделбата: големата плата која ја имаше и јавните критики кон Роналд Араухо по направениот црвен картон во мечот кој значеше елиминација од ПСЖ во Лигата на шампионите.
„Моите седум години во Манчестер сити беа време на чисто задоволство за мене, и на теренот и надвор од него. Тука пораснав како личност и играч, развив посебен однос со навивачите на Сити и уживав во неверојатен успех. Тоа беше исклучителен период во мојот живот. Сите ја знаат почитта што ја имам кон Пеп, тој е најдобриот менаџер во светот и работата со него секој ден ве прави подобар играч. Едвај чекам повторно да работам со него и повторно да го облечам дресот на Сити. Убаво е чувството кога ќе се вратите дома“, рече Гундоган.