Ливерпул и Јирген Клоп официјално ја продолжија соработката со јули 2024 година. Германскиот стратег ќе управува со кормилото на актуелниот европски првак и во наредните четири и пол години.
Клоп преку видео кое Ливерпул го објави на социјалните мрежи ја соопшти убавата вест, што секој фан на Ливерпул со нетрпение чекаше да ја слушне. Нови договори потпишаа и асистентите на Клоп, Питер Кравиц и Пепин Лијндерс.
„Одлучивме да продолжиме со работата која досега се покажа како успешна. Се согласив на нов договор кој ќе ме задржи тука до 2024 година и среќен сум за тоа. Ливерпул е прекрасен клуб, не би сакал да бидам на ниту едно друго место. Се чувствувам како да сум дома, сите ме прифатија како свој, така што не беше тешко да се донесе одлука за да останам тука“, истакна Клоп.
Екстренерот на Борусија Дортмунд пред потпишувањето на новиот договор заработуваше седум милиони евра по сезона, но сега дефинитивно ќе има поголеми примања како награда за успехот кој го оствари со гигантот од Мерсисајд. Клоп минатата сезона го одведе Ливерпул до шестата европска круна, а оваа сезона се на добар пат да бидат шампиони на Англија за првпат по 30 години пост.
Happy Friday, Reds! 🤩🤩🤩 pic.twitter.com/7qUWOsszb6
— Liverpool FC (@LFC) December 13, 2019