Бразилскиот напаѓач Матеус Куња го комплетира својот трансфер од соништата, официјално стана играч на Манчестер јунајтед, а Црвените ѓаволи за него платија 62,5 милиони фунти.
Куња доаѓа од Вулверхемптон, а договорот со Црвените ѓаволи му е на пет години, со можност за продолжување за уште една.
„Тешко е да се најдат зборови за тоа како се чувствувам што станав играч на Манчестер јунајтед. Уште кога бев дете во Бразил, гледав премиерлигашки мечеви на телевизија кај баба ми дома. Манчестер јунајтед ми беше омилен англиски тим и сонував еден ден да го облечам црвениот дрес. Им благодарам на семејството и на сите кои помогнаа сонот да стане реалност“, изјави Куња.
Во дресот на Волците каде што дојде во 2023 година од Атлетико Мадрид, Куња даде 31 гол на 76 меча.