Интер и Пари Сен Жермен официјално го потврдија трансферот на напаѓачот Мауро Икарди, кој од денеска е нов член на париските Светци, прекинувајќи ја врската со клубот од Милано. Икарди со ПСЖ потпиша четиригодишен договор, поточно до 30-ти јуни 2024 година.
Сезонава 27-годишниот Икарди играше за ПСЖ, но како позајмен играч од Интер. Позајмицата му истекуваше денеска. Во Интер веќе не сметаа на услугите на проблематичниот нивен поранешен капитен, па се согласија да го продадат во ПСЖ за 50 милиони евра, плус седум за бонуси.
Икарди е 16-тиот Аргентинец во историјата кој потпишал договор со актуелниот француски првак. Сезонава придонесот на Икарди беше 20 гола и четири асистенции на 31 натпревари на кои влезе во игра. И од Интер му се заблагодарија на Икарди за стореното во шесте сезони во кои беше играч на нивниот клуб, и му посакаа среќа во кариерата.
Во договорот на Икарди има и „анти-италијанска“ клаузула со која ПСЖ ќе треба да му плати на Интер 15 милиони евра, ако решат во следните 12 месеци да го продадат на некој друг италијански клуб.