Аргентинскиот репрезентативец Родриго де Пол, официјално му се приклучи на Интер Мајами. Тој во Мајами дојде од Атлетико Мадрид, како позајмен играч, со опција трансферот да стане перманентен.
Де Пол кој има 31 година, ќе биде големо засилување во средниот ред во втората половина од сезоната во МЛС лигата. Прекарот му е Моторсито (мало моторче), бидејќи постојано трча и работи за екипата.
Ко-сопственикот на Интер Мајами, Дејвид Бекам, го изрази своето задоволство што покрај Лионел Меси, привлече уште еден светски шампион. Де Пол и Меси за националниот тим заедно имаат одиграно 62 меча.
„Родриго е играч кого го почитувам многу години. Тој е лидер и има огромен придонес во секој тим за кој играл особено во репрезентацијата на Аргентина. Тој носи искуство, страст и класа, не само во нашиот тим, туку и во целиот град. Со задоволство му посакувам добредојде на уште еден светски шампион не само во Интер Мајами, туку и во МЛС“, порача Бекам.