Огромен проблем за Реал Мадрид, олеснување за Салах

Лекарскиот тим на Реал Мадрид објави дека Серхио Рамос има мускулна повреда на листот на левата нога и ќе отсуствува околу еден месец, што значи дека Кралскиот клуб на трите клучни меча кои му претстојат наскоро ќе мора да игра без својот капитен и столб на одбраната.

В сабота Реал го пречекува Еибар, а потоа му следува еднонеделен пекол во кој двапати треба да се сретне со Ливерпул во Лигата на шампионите и еднаш со Барселона во првенството. До крајот на месецов, актуелниот шпански првак има мечеви и со Хетафе, Кадис и Бетис, но проблемот е што нема да сметаат на Рамос во двобојот со Ливерпул и на Ел Класико, средби од кои може да зависи сезоната на тимот.

Рамос сезонава веќе пропушти 18 меча поради повреда. Тој синоќа против Косово влезе во игра во 86-тата минута и сега му претстои пауза од околу еден месец, и тоа во критичен дел од сезоната.

„Ме боли што нема да можам да му помогнам на тимот на овие важни и напорни натпревари. Жал ми е што нема да можам да ја покажам мојата љубов и енергија на терен. Останува да работам напорно и да навивам за тимот со цела душа“, порача Рамос на „Инстаграм“.

- Оглас -

Најнови вести