27.8 C
Skopje
вторник, 8 јули 2025

Охрид го најде лекот за Алкалоид, за скопјани заврши низата од 11 месеци без пораз во првенството

Екипата на ГРК Охрид направи изненадување откако славеше над Алкалоид со 30:26 во 4. коло на ракометната Суперлига. Во салата „Билјанини извори“, домашниот тим одигра фантастичен меч и за прв пат во меч од елитното друштво успеа да го победи Алкалоид.

Уште од самиот старт ракометарите на ГРК Охрид заиграа одлично и по првото полувреме имаа убедливо водство од 16:9. Алкалоид второто полувреме го започна со три гола по ред и намали на 16:12, но тоа не ги збуни охриѓани.

Домашниот тим предводен од словенечкиот интернационалец ја одржуваше високата предност, па во 48 минута беше 23:17, а на седум минути до крајот резултатот беше 26:20.

Словенечкиот интернационалец Гал Цирар со 14 гола од кои седум од пенал, беше предводник во победничкиот тим. Одличен беше и голманот на Охрид, Даниел Ѓорѓески со 16 одбрани.

За Алкалоид ова е прв пораз сезонава. Ако се сметаат и мечевите од ланската сезона, скопјани имаа низа од 22 победи по ред и сега губат прв пат во првенството по пауза од речиси 11 месеци (во април минатата година загуби од Е. Пелистер дома со 27:28).

На табелата во Суперлигата, Еурофарм Пелистер сега е единствен со перфектен биланс и има 14 бодови. Алкалоид остана на 12 бодови, а Охрид сега се искачи на третото место на табелата со 11 бодови.

- Оглас -

Најнови вести