Екипите на ГРК Охрид и на Алкалоид вечерва излегуваат на европска сцена и ќе бидат дел од Европскиот куп. Двата меча започнуваат од 19 часот и се очекува СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид и салата во Автокоманда да бидат исполнети до последно место, а навивачите да дадат голема поддршка на домашните екипи.
Dj Face ќе се погрижи да има добрa забава пред натпреварот во Охрид. Пред спортската сала „Билјанини Извори“ со почеток во 16 часот ќе биде отворена фан зоната, а во нејзини рамки ќе биде отворен и фан шоп каде што ќе можат да се купат дресови, маици, шалови, приврзоци и други брендирани сувенири со логото на ГРК Охрид.
Охрид кој по пауза од седум години повторно ќе биде дел од европската ракометна сцена е домаќин на романската екипа Потаиса Турда, а Градимир Чаневски ветува голема борба на теренот.
„Потаиса Турда е квалитетна екипа, составена од доста искусни и квалитетни романски репрезентативци и интернационалци. Тие се можеби еден од фаворитите за освојување на овој куп, но и ние имаме квалитет да се спротиставиме и да одиграме добар меч и да направиме да биде едно ракометно уживање на охридската публика. Наша цел е во реваншот во Романија да одиме со победа“, рече Чаневски.
Алкалоид во Автокоманда е апсолутен фаворит за победа против литванската екипа Драгунас Клаипеда. Тимот предводен од тренерот Кирил Лазаров втора сезона по ред е дел од европските натпреварувања.
Алкалоид сезонава започна фуриозно и тимот има перфектен биланс од седум победи во седум натпревари. Во овој период Алкалоид го освои трофејот во Суперкупот на Македонија победувајќи го шампионот Пелистер, а во првенството го победија и вториот голем конкурент за титулата, екипата на Вардар.