МЗТ Скопје Аеродром го пoрази Фени индустри со 97:90, додека Пелистер славеше во „Билјанини извори“ против АВ Охрид со 77:69 во последните два меча од 11-тото коло во Првата машка кошаркарска лига.
Изненадувањето се случи во Охрид, каде што Пелистер предводен од Габриел Билер кој даде 32 поени, дојде до втората победа сезонава.
„Засекогаш со нас Градоначалник“ стоеше на транспарентот со кој вечерва истрчаа на теренот кошаркарите на АВ Охрид, тие настапот му го посветија на нивниот голем поддржувач и навивач, починатиот градоначалник на Општина Охрид, проф. д-р Јован Стојаноски, кој ненадејно замина од овој свет на 15 декември.
Во знак на почит и сеќавање, клубот на семејството Стојаноски му врачи врамен дрес на КК „АВ Охрид“ со посвета, а натпреварот почна со едноминутно молчење. Сепак, на домашните како да им беа врзани рацете и не успеаја да победат во чест на покојниот градоначалник.
Во „Јане Сандански“, кавадарчани тргнаа одлично, првата четвртина ја добија со 27-16, а тоа како да ги разбуди и налути домашните, кои во наредните 20 минути направија пресврт, и создадоа предност која со ефикасен напад успеаја да ја задржат до крај. Фени даде 15 тројки, шест играчи со двоцифрен број на поени и 11 скока повеќе, но и тоа не беше доволно, бидејќи имаа и 11 загубени топки повеќе од МЗТ.
Добра вест за МЗТ е враќањето на Соколов и Симоновски, па сега повредени се само Младеновски и Маслинко.