Оклахома покажа зошто беше најдобар тим во регуларниот дел од сезоната во НБА-лигата и одигра маестрален меч за убедлива победа од 149:106 против Денвер во полуфиналето на Западната конференција. Со овој триумф Оклахома сега го израмни резултатот на 1:1 во победи.
Уште од самиот почетокот Оклахома започна фуриозно и незадржливо во нападот, па по првата четвртина домаќините водеа со 24 поени предност (45:21). Домашните кошаркари продолжија во ист стил и во втората четвртина, па на полувреме стигнаа до предност од 87:56.
Постигнатите 87 поени во првото полувреме се нов НБА-рекорд во плејоф меч во историјата. Досегашниот рекорд за најмногу поени постигнати во прво полувреме го држеше Кливленд кој постигна 86 поени против Голден стејт во финалето од плејофот во 2017 година.
Овој дуел беше и пресметка на двајцата најистакнати кандидати за МВП наградата, а тоа се Шеј Гилџес-Александер и Никола Јокиќ. Како прв фаворит за титулата е Гилџес-Александер, за кого ова би било прво вакво признание, додека Јокиќ досега трипати го добивал приматот за МВП на сезоната во НБА.
На овој меч, Гилџес-Александер одигра 30 минути и беше одличен со 34 поени и шут речиси без грешка. Погоди 11 од 13 шута од поле, а од линијата за слободни фрлања беше перфектен со 11 од 11.
На спротивната страна, Јокиќ беше под својот просек и постигна само 17 поени, со осум скока и шест асистенции. Расел Вестбрук со 19 поени беше прв стрелец кај Денвер.
Во вториот меч кој се одигра ноќеска, Њујорк повторно направи изненадување и со 91:90 го победи Бостон на гостински терен. Овој меч имаше неверојатна завршница, а гостите во последниот напад одиграа одлична одбрана против Џејсон Татум за голема радост на фановите на Њујорк никс.