Во НБА-лигата ноќеска се одиграа вкупно шест меча, а главен во фокусот беше дуелот меѓу Оклахома сити тандерс и Лос Анџелес лејкерс. Иако се најавуваше како големо дерби на кое треба да се очекува неизвесна завршница, на крајот Оклахома го „демолираше“ гостинот од Лос Анџелес со 139:96. Со оваа победа Оклахома само дополнително се зацврсти на врвот на Западната конференција, а на Лејкерс им останува до крајот на регуларниот дел да се обидат да ја задржат третата позиција на која се наоѓаат во моментов.
Уште во првата четвртина беа решени сите дилеми околу победникот. Оклахома почна фуриозно и поведе со 18:4, а до крајот на првата четвртина стигна до водство од 44:21. Потоа до крајот на дуелот Оклахома рутински продолжи да ја зголемува предноста и на крајот стигна до убедлива победа.
За Лејкерс многу поголем проблем може да биде повредата на Лука Дончиќ. Словенецот заработи повреда на тетивата на коленото и мораше предвреме да излезе од игра. Денеска ќе му бидат направени дополнителни прегледи, по што ќе се знае колку е сериозна повредата на Дончиќ и дали ќе треба подолго време да отсуствува од терените.
Резултати: Шарлот – Феникс 127:101, Детроит – Минесота 113:108, Оклахома – ЛА лејкерс 139:96, Голден стејт – Кливленд 111:118, Портланд – Њу Орлеанс 118:106, ЛА клиперс – Сан Антонио 99:118.

