Околу 2000 француски полицајци ќе бидат на должност за време на церемонијата на затворање на Олимписките игри во недела на „Стад де Франс“, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.
Американскиот актер Том Круз, кој ќе учествува во делот од церемонијата за примопредавање на Игрите на Лос Анџелес во 2028 година, и францускиот бенд „Ер“ се меѓу оние кои ќе се појават на завршната свеченост.
Завршниот викенд на Игрите во Париз ќе биде обезбедуван од околу 30.000 полицајци. Околу 10.000 полицајци ќе бидат распоредени за да го обезбедуваат машкиот и женскиот маратон, кои ќе се трчаат околу француската престолнина во сабота и недела.
Дарманин изјави дека безбедносните сили остануваат на високо ниво на подготвеност, особено по терористичката закана во Австрија, која ја примора виенската полиција да откаже три концерти на поп-ѕвездата Тејлор Свифт во Виена.
„Додека ви се обраќам, нашите безбедносни служби сè уште немаат индикации за каква било закана кон Олимписките игри или церемонијата на затворање“, изјави Дарманин за новинарите.
Во сабота навечер ќе се одржи маратон од 10 километри за граѓаните, на кој се очекува да учествуваат околу 40.000 луѓе. Се очекува последните тркачи да ја завршат трката во недела рано наутро. За време на викендот ќе бидат во сила големи сообраќајни ограничувања.