30.8 C
Skopje
петок, 12 септември 2025

Лани беше во идеалниот тим на јуниорската Евролига, сега му се приклучи на првиот тим на МЗТ Скопје

Големиот турски талент Самет Јигитоглу, кој има само 18 години и е висок 216 сантиметри, и следната сезона ќе игра за МЗТ Скопје откако е прекомандуван од втората екипа во најдобриот тим на Штрковите.

Центарот потпиша договор со македонскиот првак за претстојната сезона и ќе се обиде да му помогне на МЗТ Скопје во битката за одбрана на домашната круна, но и во настапот во АБА-лигата.

Јигитоглу минатото лето дојде од Бешикташ во МЗТ Скопје УНИ Банка, односно во вториот тим на шампионот, а е супер талентиран, што го потврди со настап на завршниот турнир во јуниорската Евролига.

Таму беше и избран во идеалната петорка, а сега успеа да напредува и да стигне и до првиот тим на македонскиот првак.

Јигитоглу е дванаесетиот кошаркар кој тренерот Александар Петровиќ ќе го има на располагање за новата сезона.

Тука се уште Американците Бре Ајви, Еван Максвел и Мајк Кафи, Србинот Страхиња Миќовиќ, како и македонските репрезентативци Дамјан и Војдан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, Андреј Магдевски и Анреј Андоноски. Со првиот тим ќе работат и младинците Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.

 

- Оглас -

Најнови вести