Оле Гунар Солскјер би можело да се врати во Велика Британија во нова менаџерска улога откако шкотскиот гигант Глазгов ренџерс испратил понуда до легендата на Манчестер jунајтед. Само неколку дена претходно, неговиот поранешен помошник на „Олд Трафорд“, Мајкл Карик, исто така беше поврзуван со можноста да го преземе тимот од „Ајброкс“.
Шкотскиот клуб се раздели со Расел Мартин само два месеца по почетокот на сезоната, а македонскиот репрезентативец Бојан Миовски и соиграчите нестрпливо го чекаат новиот тренер.
Според информациите од клубот, раководството на Ренџерс ги засилило напорите да назначи нов менаџер пред крајот на репрезентативната пауза и продолжувањето на клупскиот фудбал.
Тимот ја започна сезоната катастрофално, само со една победа во првите седум натпревари под водство на Мартин. На крајот ремито 1-1 со Фалкирк претходно овој месец беше последната капка, по што клубот го отпушти Расел Мартин само по неколку месеци од неговото назначување.
Ренџерс стапил во контакт и со поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер, како и со поранешниот тренер на Мајнц, Бо Свенсон. Солскјер е без работа од август, откако беше отпуштен од Бешикташ. Во опција се и имињата на Киран Мекена и поранешниот тренер на Шефилд вензди, Дани Рол.