Олимпија испадна од АБА, но се надева на проширување

Петрол Олимпија заврши на последно место во АБА-лигата и според правилата, треба да испадне во втората АБА, но мнигумина се сомневаат дека „змејовите“ навистина во следната година ќе играат во второлигашкото регионално друштво.

Тренерот Јуре Здовц изјави дека иако треба да испаднат, ништо не е загубено и се надева на ново менување на Статутот и проширување на Лигата.

„Не се предаваме. Се надевам дека Лигата ќе се прошири. Слушнав дека Олимпијакос може да влезе во АБА. Картите се отворени“, изјави Здовц.

Олимпија досега двапати беше спасувана откако на терен го губеше правото да игра во АБА, па можеби повторно ќе се смисли некој начин да останат дел од друштвото. Директорот Роман Лисац најавуваше успешна сезона, но наместо да летаат по теренот, летнаа од Лигата.

МЗТ Скопје Аеродром в среда против Спарс во Сараево го игра првиот меч од полуфиналето на плејофот во АБА 2 лигата. Ако влезе во финалето (против Приморска или Борац Чачак) и победи, ќе влезе во главната АБА, а ако го загуби финалето, ќе игра бараж со Задар, кој беше претпоследен во првата АБА.

- Оглас -

Најнови вести