Олимпијакос подобар во голеада на „Вила парк“, Фиорентина до победата во последните моменти (Видео)

Фантастична вечер за љубителите на фудбалот приредија полуфиналистите во третото по ранг европско клупско натпреварување, Конференциската лига. Дури 11 гола беа постигнати во Англија и Италија, а шест од нив паднаа во Бирмингем.

Олимпијакос со голема предност од 2-4 од првиот меч против Астон вила ќе го чека ренашот во Пиреја и е многу блиску до европско финале. Најзаслужен за победата беше мароканскиот интернационалец, Ајуб Ел-Каби, кој постигна хет-трик.

Последниот гол за претставникот на Грција беше дело на Сантијаго Хеце во 67-мата минута, додека за Астон вила во листата на стрелците се запишаа Оли Ваткинс и Муса Диаби, а Даглас Луис промаши пенал во 84-тата минута, кога имаше можност да го намали резултатот на 3-4.

На второто полуфинале, фудбалерите на Фиорентина со 3-2 го победија Бриж и тоа со гол во самиот финиш од мечот. „Виолетовите“ двапати водеа, но претставникот на Белгија успеваше да се врати во игра. Рикардо Сотил со два гола, во петтата и 37-мата минута носеше водство од 1-0, односно 2-1 за Фиорентина, а Ванакен од пенал во 17-тата и Игор Тијаго во 63-тата минута израмнуваа на 1-1 и 2-2.

Конечните 3-2 за Фиорентина ги постави анголецот Мбала Нзола во 91-вата минута.

- Оглас -

Најнови вести