Францускиот гигант Марсеј официјално соопшти дека го раскинува договорот со тренерот Роберто де Ѕерби. Во соопштението на клубот се наведува дека одлуката за прекин на соработката е донесена по заеднички договор.
„По одржаните разговори со сите засегнати страни во раководството на клубот, сопственикот, претседателот, спортскиот директор и Де Ѕерби, беше донесена одлука за промена на тренерот на првиот тим“, се вели во официјалното соопштение.
„Ова беше тешка колективна одлука, донесена по внимателно разгледување во интерес на клубот, со цел да се исполнат целите во преостанатиот дел од сезоната.
Марсеј му се заблагодарува на Де Ѕерби за неговата посветеност, професионалност и сериозност, кои особено дојдоа до израз со освојувањето на второто место во Лига 1 во сезоната 2024/25“, додаваат од клубот.
По 21-вото коло од тековното првенство, Олимпик Марсеј се наоѓа на четвртото место на табелата. Во групната фаза од Лигата на шампионите, Марсеј заврши на 25-тата позиција и не успеа да се пласира во елиминациската фаза.
Според информациите, одлуката за разделба со Де Ѕерби дошла по тешките порази од Бриж (0-3) и од Пари Сен Жермен (0-5).

