Олимпискиот тениски шампион од 2004 година имал среќа што останал неповреден во терористичкиот напад во Виена

Некогашниот чилеански тенисер Николас Масу бил сведок на терористичкиот напад кој синоќа се случи во центарот на Виена. Масу, кој сега е тренер на австрискиот тенисер Доминик Тим, бил во еден ресторан во близина на местото каде што се случи нападот во кој напаѓачите убија неколку цивили.

„Здраво на сите. Јас сум во центарот на Виена, многу блиску до нападот. Ни рекоа да останеме во ресторанот и сега чекаме да видиме што ќе се случи“, беше првиот пост на Масу.

По некое време, Чилеанецот повторно се јави на социјалните мрежи, откривајќи дека со часови морал да остане во ресторанот во кој бил кога се случил нападот.

„Поздрав до сите. Во хотелот сум и сега сè е тивко и мирно. Поради големиот страв што владееше, превентивно бевме затворени во ресторанот цели осум часа. Им благодарам на сите кои ми упатија поддршка и се загрижија за мојата безбедност“, напиша Масу.

Според последните информации, во синоќешниот напад настрадале тројца цивили и еден напаѓач, додека вториот терорист е во бегство. Повредени се 15-тина лица, меѓу кои и еден полицаец.

Масу во кариерата најмногу стигна до деветтото место на АТП-листата, а најголемиот успех го постигна на Летните олимписки игри во 2004 година, кога во Атина стигна до златните медали и во поединечна и во конкуренција на двојки. Тој е единствен тенисер што успеал на исти ОИ да ги освои двете најсјајни одличја.

Чилеанецот сега е тренер на Тим, тенисерот за кого се верува дека треба да биде еден од најдобрите во следните неколку години.

 

- Оглас -

Најнови вести