Оливер Кан е еден од најдобрите голмани на сите времиња кој во кариерата помина речиси една и пол деценија како прв голман на Баерн Минхен. Кан е научен да победува, да се радува. По завршувањето на играчката кариера тој работеше во Баерн, но во јуни 2023 година си замина од директорската позиција.
Сега, по пауза од речиси една и пол година, се најавува дека Кан повторно може да се врати во фудбалот, но во една поинаква улога. Во француските медиуми се „шушка“ дека легендарниот голман може да го преземе некогашниот француски гигант Бордо.
Бордо е еден од најголемите клубови во Франција, кој дури шестпати бил и првак на оваа земја. Оттаму потекнале неколку големи фудбалски имиња, како што се: Зинедин Зидан, Бихсент Лизаразу, Паулета…, но, сепак, пред половина година, поради лошо раководење, овој клуб банкротира.
На 1 август Бордо и официјално го загуби статусот на професионален клуб и е префрлен во четвртаа лига во францускиот фудбал, односно во „Национал 2“, каде што се натпреварува во група Б.
Моменталниот долг на Бордо се проценува на 100 милиони евра и работите воопшто не се сјајни. Сега се најавува дека спасител на Бордо може да биде токму Оливер Кан.
„Моментално сме во почетна фаза на преговорите. Наскоро ќе се знаат повеќе работи“, рече Кан. Интересно е дека првиот трофеј на Кан во дресот на Баерн како играч му беше токму во дуел против Бордо, во финалето на УЕФА купот во 1996 година.