Легендарниот германски голман Оливер Кан ризикува да го навлече гневот на навивачите на Бохум велејќи дека нивниот голман Патрик Древес требало да продолжи да игра откако беше удрен со запалка за време на мечот против Унион Берлин изминатиов викенд во Бундеслигата.
Кан смета дека ситуацијата не била толку драматична и дека Древес требало да го доигра мечот, посебно затоа што останаа само уште минута-две до крајот.
„Мислам дека ќе беше многу подобро ако голманот одлучеше да продолжи да игра. Треба да побара замена само кога навистина не може да игра“, рече 55-годишниот Кан во изјава за „Билд“.
Самиот Кан во 2000 година настрада од фрлен предмет од трибините. На гостувањето кај Фрајбург тој беше погоден со топче за голф фрлено од 16-годишен навивач. Му беше раскрвавено лицето, но Кан реши да продолжи да игра, а неговиот Баерн победи со 2:1.
„На тој меч против Фрајбург, телото ми лачеше толку многу адреналин, па ништо не чувствував никаква болка. Тој удар можеше да биде животозагрозувачки за мене“, се присети Кан, кој и на други натпревари бил цел на напади од навивачите на трибините, кои го гаѓале со банани, костени и други предмети.
Саботниот меч меѓу Унион Берлин и Бохум беше прекинат речиси еден час, а потоа продолжи, а двете екипи се договорија во последните неколку минути воопшто да не напаѓаат.