Дани Олмо уште се нема прилагодено на германскиот фудбал, а веќе би можело да го напушти Лајпциг по една нецела сезона. Шпанскиот офанзивец е желба на новиот тренер на Милан, Ралф Рангник, кој од следната сезона ќе раководи со Росонерите.
Рангник како главен оперативец на Лајпциг знае за каков играч се работи бидејќи изминатиов период ги следеше настапите на Олмо во дресот на Црвените бикови, па затоа сака токму тој да биде едно од неговите први засилувања во Милан. Наводно, Лајпциг ќе бара двојно повеќе од сумата која ја плати за Олмо (20 милиони евра) за да му дозволи преселба на „Сан Сиро“.
Седумкратниот европски првак и во јануарскиот преоден рок се обидуваше да ја ангажира тогаш младата ѕвезда на Динамо Загреб, меѓутоа Олмо се одлучи за Лајпциг и Бундеслигата како негова следна дестинација. Запиша вкупно 12 настапи во германскиот шампионат и еден во Купот, во кои реализира три гола и една асистенција.