Омерагиќ: „Им честитам на фудбалерите, нашите мисли се со семејствата на настраданите во Кочани“

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, им честиташе на фудбалерите и стручниот штаб, но и на навивачите кои во бројка од над 2.000 дојдоа во Вадуц за да ги поддржат нашите репрезентативци. Омаерагиќ најави и дека сите средства кои ќе бидат собрани од продажбата на билети за мечот против Велс ќе бидат донирани за повредените и за семејствата на загинатите во големата трагедија во Кочани.

„Сакам од срце да им честитам на нашите фудбалери за победата, карактерот и борбеноста. Ова е победа која ја заслужија – фудбалерите, стручниот штаб и нашите навивачи, кои уште еднаш покажаа дека се најдобрите на светот. Благодарност до сите. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со семејствата на настраданите во големата трагедија во која животот го загубија многу млади луѓе. Како знак на поддршка и солидарност, сакам да најавам дека приходот од влезниците за нашиот следен натпревар против Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите. Ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра – фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат. Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија. Се гледаме во вторник на Националната арена”.

- Оглас -

Најнови вести