Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, ја заврши работната посета во Сараево, каде што се одржува состанокот на фудбалските асоцијации од Југоисточна Европа. На овој состанок освен претставниците на сите Фудбалски сојузи од регионот, присуствуваат и првите луѓе на УЕФА, Александер Чеферин, како и директорот на Национални асоцијации во европската организација, Зоран Лаковиќ.
„Со федерациите од регионот делиме слични предизвици и затоа нашето учество на регионалните состаноци е значајно. Исто така, секогаш е корисно да споделиме искуства, да разговараме и да бараме решенија за одредени прашања.
Заедно со колегите од регионот дискутиравме за различни прашања кои се однесуваат на Националните првенства, споделување податоци околу стратешките цели и финансиски анализи, потоа предизвици околу судењето…
Особено нѐ радува поддршката која ја имаме од УЕФА и од претседателот Александар Чеферин. Следниот состанок ќе го имаме на Конгресот на УЕФА во Белград и остануваме посветени на целите кои ќе донесат напредок за македонскиот фудбал“, изјави Омерагиќ по завршената работна посета во Сараево.