Масар Омерагиќ денеска го имаше првиот работен ден на новата функција, како претседател во фудбалската федерација на Македонија. Предводникот на мак-фудбалот најавува дека доаѓаат нови подобри денови како на клупски, така и на репрезентативен план.
На денешниот брифинг со новинарите, Омерагиќ најави дека ќе се направат неколку промени за подобро функционирање на најважната споредна работа во светот. За брзо време може да видиме крај на досегашната пракса, мечевите од едно коло во фудбалското првенство во Македонија да се играат во еден ист термин. Идејата е шесте средби од колото да се играат во два или три различни дена.
Една од можните опции е два натпревари да се играат во петок, два во сабота и два во недела. Речиси во цела Европа мечевите од едно коло се играат во неколку различни термини, па македонската Прва лига полека би се вклопила кон оваа пракса.
Новиот претседател на ФФМ беше разочаран од работата во Академијата на ФФМ како и од резултатите кои се постигнати во младинските репрезентации. Токму затоа, Омерагиќ најави смена на сите селектори во младинските национални селекции. Тука сигурно ќе има и многу работа за Ѓорѓи Христов кој е назначен за нов технички директор во ФФМ, кој ќе биде задолжен за работата и развојот на младинските национални селекции и фудбалската акедемија во рамки на федерацијата.
Омерагиќ најави уште многу промени со кои треба да се подобри работењето во сите сфери од мак-фудбалот.