Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масaр Омерагиќ, во новогодишното интервју одговори на бројни прашања од медиумите покривајќи различни теми, како клупски и репрезентативен фудбал, судиската комисија, ВАР-технологијата, спонзорства и инвестиции.
Една од најважните теми беше прашањето за иднината на селекторот Благоја Милевски, на кое Омерагиќ изјави дека Федерацијата ќе носи одлуки засновани на разум, а не на емоции.
„ФФМ и репрезентацијата се институции. Носењето одлуки не може да биде поврзано со емоции. Треба да размислуваме фудбалски и да носиме разумни одлуки. Факт е дека по Европското првенство имаше пад во резултатите, што е разбирливо со оглед на тоа што си замина лидерот на генерацијата, Горан Пандев, а многумина играчи ги променија своите клубови и потоа го имаа статусот на резерви. Но, во последно време забележавме одлични резултати, без разлика на противниците. Да се направат промени на два месеца пред квалификациите за СП, без конкретна причина, би било нефудбалски потег“, изјави Масар Омерагиќ.
Претседателот на ФФМ потенцираше дека верува во сегашната генерација и апелира на трпение и поддршка, нагласувајќи дека стабилноста е клучна за континуитетот на репрезентативните успеси.
Тој истакна дека во иднина ќе се залага за подобрување на инфраструктурата со изградба на нови фудбалски терени, но и воведување на ВАР-технологијата во македонскиот фудбал од почетокот на следната сезона 2025/26.